Словенија ја продолжи состојбата на пандемија за уште еден месец

пред 3 години

Сегашната епидемиолошка состојба во Словенија не дозволува олеснување на мерките, а административната состојба на пандемијата, која истекува на 18 март според сегашната уредба, се продолжува за уште еден месец, соопшти словенечката влада, додека земјата евидентира 860 нови случаи на зараза.

Сите антиепидемиски мерки остануваат во сила, вклучително и полицискиот час од 21 до 6 часот наутро, но се разгледува можноста тој да се скрати за 60 минути во наредните недели поради продолжување на дневната светлина, па затоа би започнал во десет часот навечер, потврди словенечката влада.

Основните и средните училишта работат во живо од минатата недела, сите продавници се отворени без ограничувања, но со мерки, а сервирање храна и пијалоци на отворено, односно работење на тераси и кафулиња е можно само во два статистички региона во југоисточниот дел на земјата.

Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 860 нови случаи на зараза од 5.786 тестови за ПЦР, а четири лица починале, така што бројот на смртни случаи се зголеми на 3908. Има 10.486 активни случаи, а во болниците има уште 485 пациенти, од кои 92 се на одделенијата за интензивна нега.

Досега се вакцинирани нешто повеќе од 150.000 луѓе. Владата донесе одлука оние што ја преболеле короната да бидат вакцинирани само со една доза бидејќи поради развиените антитела, заразата ќе се смета како прва доза.

Share
Scroll to Top