Аудио-снимки од разговори меѓу високи функционери поврзани со владејачкото движење „Гибaње Свобода“ се појавија на социјалните мрежи во Словенија и предизвикаа политички реакции, објавија словенечките медиуми.
Снимките се појавија на „Фејсбук“ страницата „Maske padajo #nismofejk“, на која се објавени делови од разговор меѓу поранешната генерална секретарка на „Гибaње Свобода“, Весна Вуковиќ, и генералната секретарка на словенечката влада, Барбара Коленко Хелбл.
Според објавените снимки, во разговорот се изнесуваат тврдења за наводни неправилности поврзани со големиот железнички проект за изградба на вториот колосек на пругата Дивача–Копер, при што се спомнува и министерката за инфраструктура Аленка Братушек.
Во други објавени разговори се спомнува и претседателката на словенечкиот парламент Уршка Клакоќар Зупанчиќ, за која во разговорот се изнесуваат тврдења дека наводно добивала дополнителни исплати преку партијата. Таа ги демантираше обвинувањата, оценувајќи ги како „целосна лага и измислица“, пренесоа словенечките медиуми.
Словенечката полиција проверува дали снимките се автентични и дали при нивното создавање или објавување е сторено кривично дело.
Од владејачката партија „Гибaње Свобода“ тврдат дека станува збор за политички мотивирана кампања насочена кон дискредитација на власта и не ја исклучуваат можноста снимките да се обработени или генерирани со вештачка интелигенција.
Во меѓувреме, словенечкиот медиум Н1 Словенија објави дека Facebook страницата преку која се објавуваат снимките има повеќе администратори и дека, според податоците на платформата, дел од администраторите на страницата се лоцирани во Северна Македонија.
„Фејсбук страницата е создадена на 16 август под името „Dvogled“, а на 4 март оваа година е преименувана во „Maske padajo #nismofejk“. Примарната држава или регион на лицата кои ја управуваат страницата ја вклучува Северна Македонија. Тоа укажува дека тројца администратори ја управуваат страницата од Северна Македонија“, пишува „Н1“.
Сепак, како што појаснуваат словенечките медиуми, тоа се однесува на локацијата од која се администрира страницата и не значи дека и самите снимки се создадени во Македонија.
Скандалот предизвика силни политички реакции во Словенија, каде јавноста и медиумите бараат одговор на прашањето дали станува збор за автентични разговори или за политички мотивирана дискредитациска операција.
Текстот Словенија ја тресат „бомби“ од разговори на функционери, „Фејсбук“ страницата се води од Македонија е превземен од МАКФАКС.





