Откако пред неколку дена беше докажано присуството на индискиот вид на коронавирусот во Швајцарија, денеска во Салцбург беше објавено дека постои сомневање оти овој сој преминал и во Австрија.
Во австриската покраина Салцбург, неделава кај една инфекција со вирусот утврдено е дека најверојатно станува збор за индискиот вид.
Анализата по ПЦР тестот укажува на тоа, а за потврда со секвенционирање сè уште се чека.
Станува збор за Индијка која живее во регионот на Плагау, која пристигнала во Салцбург од својата татковина пред две недели, изјави за агенцијата АПА портпаролот на покраината, Франц Визер.
На жената и нејзиното семејство наложен им е карантин, а тестот на ќерката исто така бил позитивен.
„Во Салцбург сите позитивни примероци се анализираат за мутации“, соопшти директорката на покраинската амбуланта, Петра Јухак.
За време на трагањето по контактите, се покажало дека Индијката купувала пред да се утврди позитивниот тест, поради што здравствените власти ги повикуваат сите граѓани кои тој ден биле во продавницата „Лидл“ на Минхнер Бундештарасе во градот Салцбург да се јават и тестираат.
Таа минатата недела била позитивно тестирана за вирусот, но немала симптоми.