По трагичниот пожар што избувна во барот Le Constellation во Кран-Монтана на новогодишната ноќ, сопственикот Жак Морети проговори. Тој тврди дека објектот работел во согласност со сите прописи и дека бил проверен три пати во последните десет години, пишува „24 hеures“.
Жак Морети, кој е сопственик на неколку други објекти во познатото одморалиште со својата сопруга, одби да даде подолго интервју во краток телефонски разговор, наведувајќи дека не се чувствува добро по трагедијата. Сепак, пред да ја спушти слушалката, тој тврдеше дека објектот бил проверен три пати за десет години и дека сè било во согласност со прописите, пренесува медиумот.
Овие тврдења, според написите, се спротивставуваат на изјавата на Стефан Ганцер, министер за безбедност на кантонот Вале.
„Општината е одговорна за проверка на зградата и оваа проверка мора да се спроведува секоја година“, објасни Ганцер на прес-конференција. Тој додаде дека, во случај на откривање на какви било недостатоци, мора да се достави извештај до надлежните органи. Според неговите сознанија, не е составен извештај за дефекти за предметниот бар, иако не можеше да го потврди точниот датум на последната инспекција.
Општинските власти не одговорија на прашањата за извршените инспекции, а нивните канцеларии изјавија дека се затворени за време на празниците. Градоначалникот ги упати новинарите во полиција, пренесуваат медиумите во регионот.
Морети и неговата сопруга се испрашувани во истрагата, но сè уште не се осомничени. Истрагата за нивната можна улога продолжува.
Француските медиуми успеаја да соберат само оскудни информации за двојката. Според BFM, Жак Морети не бил во барот „Констелејшн“ во ноќта на пожарот, туку во еден од двата други објекти во нивна сопственост. Неговата сопруга Џесика Морети била на местото на настанот и, според извор близок до случајот, се здобила со изгореници на раката.
Фото: ЕПА
Текстот Сопственикот на швајцарскот бар проговори за прв пат, тврди дека сè било во согласност со прописите е превземен од МАКФАКС.






