„Спутник лајт“ двојно ја намалува можноста од зараза по само една доза

пред 4 години

Лајт верзијата на „спутник В“ против Ковид-19, дадена во единечна доза, ја намалува можноста од зараза за 50 до 60 проценти, изјави Александар Гинцбург, директор на рускиот Национален истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, кој ја разви вакцината, пренесуваат руските медиуми.

„Постои лајт опција, која е прва компонента на вакцината „спутник В“. Ако се користи одделно, без примање на втора доза, може да ја намали зачестеноста на оваа инфекција за 50 или дури 60 проценти“, рече Гинцбург на телевизијата „Русија 1“.

Испитувањата на вакцината „спутник лајт“, која се дава во единечна доза, започнаа во Москва на 27 февруари, а пријавата за нејзина регистрација беше поднесена на 29 март.

„Спутник В“ даден во две дози останува главната вакцина.

Списанието „Лансет“ објави дека „спутник В“ е 92 проценти ефикасен во спречување на симптоматска болест и 100 проценти во спречување на тешка болест.

Taa исто така се смета за ефикасна против новите варијанти на коронавирусот.

Руската вакцина против Ковид-19, „спутник В“, е една од трите што во моментот се тестираат во Европската агенција за лекови (ЕМА), заедно со вакцините на американскиот „Новавакс“ и германскиот „Кјурвак“.

Експертите на агенцијата се очекува да ја посетат Русија во април за да го испитаат производството и складирањето на вакцината.

Share
Scroll to Top