Србија ја надмина бројката од 300.000 регистрирани инфекции, отворена нова ковид-болница

пред 3 години

Во изминатите 24 часа во Србија се потврдени 3.534 нови случаи на коронавирус, а 54 лица починале, соопштија здравствените власи.

Голем број на пациенти и натаму се хоспитализирани, вкупно 9.604, од кои 314 се на интензивна нега и на респиратори.

Досега во земјата се тестирани вкупно 2.141.775 примероци, а со денешните 3.534 позитивни, Србија со 62 случаи ја надмина границата од 300.000 регистрирани инфекции. Вкупно 2.686 лица починале од почетокот на епидемијата, а стапката на смртност е 0,89 проценти.

Во институциите за социјална грижа и домовите за стари лица, вирусот е потврден кај повеќе од 2.900 лица, меѓу кои 2.081 корисник и 888 вработени.

Денеска, Србија ја доби втората специјализирана ковид-болница изградена на местото на поранешна касарна во Крушевац, а приемот на првите пациенти е најавен за утре изутрина.

Од утре стапува на сила мерката за задолжителен негативен ПЦР тест не постар од 48 часа за сите странци и српски државјани кои имаат намера да влезат во земјата.

На српските државјани би им бил дозволен влез поради уставните права, но ќе мора да подлежат на задолжителен десетдневен домашен карантин, со можност таквата обврска да се скрати доколку во меѓуреме достават негативен тест.

Share
Scroll to Top