На Тајланд денеска стапи во сила законот за легализирање на истополовите бракови, а стотици парови во земјата се венчаа на јавни прослави.
Свадбите, меѓу другото, се одржаа во еден од најголемите трговски центри во Бангкок, на прослава организирана од градските власти, јави Би-би-си.
Во главниот град беа поставени кабини за фотографирање и бесплатни колачи, а една населба во Бангкок дури нудеше и бесплатни авионски билети на првиот пар што ќе се венча во таа општина.
Тајландскиот Закон за еднаквост во бракот има цел да им даде целосни правни, финансиски и медицински права на ЛГБТК+ паровите.
Партнерите ќе имаат еднакви права и одговорности во постапувањето со заедничкиот имот, даночните обврски и одбитоци, наследните права и семејните бенефиции.
30-ина земји во светот легализираа некаква форма на истополови бракови, од кои повеќе од половина се во Европа.
Текстот Стапи во сила законот за истополови бракови на Тајланд, стотици парови стапуваат во брак е превземен од МАКФАКС.






