Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја поздрави ратификацијата на членството на Шведска во НАТО во турскиот парламент и ја повика Унгарија да го стори истото за скандинавската земја да стане 32. членка на Алијансата.
„Го поздравувам гласањето во турскиот парламент за ратификација на членството на Шведска во НАТО. Сметам и на Унгарија што побрзо да ја заврши ратификацијата“, рече Столтенберг и додаде дека „членството на Шведска ќе го направи НАТО посилен“.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон, исто така, ја поздрави ратификацијата, велејќи дека неговата земја е чекор кон членство.
„Денеска направивме уште еден чекор кон полноправно членство во НАТО“, рече шведскиот премиер.
Турскиот парламент го ратификуваше договорот за членство на Шведска во НАТО, а сега останува Унгарија да го ратификува тој договор.
Кандидатурата на Шведска беше одобрена со големо мнозинство во турскиот парламент. За членство на Шведска гласаа 287 турски пратеници, 55 беа против, а четворица воздржани.
Шведска, која е на прагот да стане 32 земја членка на НАТО, ја поднесе својата кандидатура во мај 2022 година, истовремено со Финска, која беше прифатена минатиот април.
Текстот Столтенберг го поздрави ратификувањето на членството на Шведска во НАТО од страна на Турција и испрати порака до Унгарија е превземен од МАКФАКС.