Стотици бензински пумпи во Германија на работ на банкрот, луѓето масовно купуваат гориво во Полска

пред 2 години

Никогаш досега немало толку голема разлика во цената на горивото меѓу Германија и Полска. Затоа германските возачи сè почесто одат по гориво преку границата. И затоа германските бензински пумпи бараат помош од државата, пишува „Дојче веле“.

Горивото на германските бензински пумпи е по рекордни цени. Возачите мора да користат апликации кои покажуваат каде е најевтиното гориво за да најдат бензин под 1,80 евра за литар или дизел под 1,60 евра. Често е и поскапо – затоа што германските бензински пумпи ги менуваат цените во просек по пет пати на ден.

Но, оние што живеат во близина на источната германска граница со Полска пронашле едноставно решение – само ја преминуваат границата и го полнат резервоарот до врв.

По намалувањето на данокот на додадена вредност, горивата во соседната земја преку ноќ поевтиниле за нови десетина центи по литар. Бензинот сега е поевтин од Германија за 60 центи по литар, а дизелот за 45. Кој ќе го наполни резервоарот во Полска заштедува околу триесет евра.

„Продажбата на гориво во Германија, во областите во близина на границата, падна за околу 50 отсто во јануари. Полските бензински пумпи, пак, известуваат дека нивниот промет е зголемен за 50 отсто“, вели Јирген Цајгнер, шеф на Здружението на сопственици на бензински пумпи.

Според „Ди Велд“, околу 300 до 400 бензински пумпи во Германија би можеле да банкротираат поради големата разлика во цената во однос на Полска. Крајниот исток на Германија и онака е најмалку развиен и населен. Таму густината на бензинските пумпи е најмала во целата држава.

Кога нема автомобили што точат гориво, има и помалку луѓе кои застануваат во малите продавници во рамки на пумпите. А бензинските пумпи заработуваат две третини од приходите не од гориво, туку од ситниците што се продаваат во тие маркети – пијалоци, цигари, сендвичи…

Share
Scroll to Top