🔴Најновите вести за изборите во Србија следете ги ОВДЕ.
Студентската изборна листа „Студентите победуваат“ соопшти дека, според нејзините податоци, до 19 часот на предвремените парламентарни избори во Србија гласале 66,8 отсто од избирачите, односно околу 4,31 милион граѓани.
На прес-конференција, одржана околу половина час пред затворањето на избирачките места, претставниците на листата рекоа дека излезноста веќе ја надминала вкупната излезност на парламентарните избори во 2023 година, кога гласале 58,77 отсто од избирачите.
„Според нашиот примерок, излезноста до 19 часот е 66,8 отсто. Тоа е речиси половина милион гласачи повеќе отколку вкупниот број граѓани кои гласале во 2023 година“, соопштија студентите.
Тие нагласија дека гласањето сè уште трае и дека на одредени избирачки места има редици, повикувајќи ги граѓаните да останат смирени и да го искористат своето право на глас. Потсетија дека сите што во 20 часот ќе се најдат во ред пред избирачките места имаат право да гласаат.
„Апелираме до граѓаните да не одат во Белград. Не ги оставајте вашите контролори сами. Во ова сме заедно“, порачаа претставниците на студентската листа.
Тие не образложија дополнително зошто упатија повик граѓаните да не патуваат во Белград.
Податоците за излезноста се процени на студентската листа врз основа на нејзиниот примерок и не претставуваат конечни официјални резултати на Републичката изборна комисија.
Текстот Студентите повикаа граѓаните да не одат во Белград е превземен од МАКФАКС.





