Веројатноста дека пушачите ќе завршат во болница поради последици од Ковид-19 е 80 проценти поголема отколку кај непушачите, а веројатноста дека ќе починат од последиците од таа болест во однос на непушачите е значително поголема, покажа истражување спроведено под водство на научници од Оксфорд.
Во студијата учествувале 412.469 луѓе. Меѓу нив, 1.649 луѓе биле позитивни на ковид, 968 биле примени во болница, а 444 починале.
Мнозинството, или 57 проценти од вкупниот број вклучени во студијата, никогаш не пушеле, 37 проценти биле поранешни пушачи, а четири проценти од учесниците во студијата пушеле во текот на студијата.
Меѓу последните, мнозинството или 71 проценти од учесниците во студијата биле умерени пушачи (до 19 цигари дневно), а останатите 29 проценти биле тешки пушачи (20 или повеќе цигари).
Резултатите покажуваат дека, во споредба со оние кои никогаш не пушеле, сегашните пушачи имале 80 проценти поголем ризик од хоспитализација поради ковид.
Студијата, исто така, откри дека луѓето кои пушеат од една до девет цигари дневно имаат двојно поголема веројатност да починат од коронавирус отколку непушачите, а оние што пушеле од 10 до 19 цигари дневно имаат шест пати поголема веројатност да починат. Тешките пушачи имаат уште поголем ризик.
„Резултатите од студијата ја поддржуваат причинско – последичната врска помеѓу пушењето и ризикот од развој на тешка форма на болеста“, наведуваат авторите на студијата објавена во списанието Thorax.
„Нашите резултати покажуваат дека пушењето е поврзано со ризикот од развој на тешка форма на коронавирус, како што пушењето влијае на здравјето на срцето, на развој на разни видови тумори и сите други состојби поврзани со пушењето“, вели водачот на студијата д -р Ешли Клифт, додавајќи дека сега е вистинско време пушачите да одлучат да се откажат од пушењето.