Судот во Москва му одреди притвор на Навални

пред 3 години

Рускиот суд донесе одлука на опозиционерот Алексеј Навални да му одреди притвор од 30 дена, кој ќе трае до 15 февруари, соопшти неговиот адвокат.

Судската одлука следи еден ден откако беше уапсен по пристигнувањето во Москва.

„ На Алексеј Навални му е одреден притвор од 30 дена до 15 февруари“ напиша на Твитер неговиот адвокат, Вадим Кобзев.

Навални (44) е уапсен синоќа на аеродромот Шереметјево, откако пристигна од Германија, а денес беше изведен пред судот. Претходно денес, тој го осуди како „целосно незаконска“ постапка во неговиот случај.

„ Не разбирам што се случува. Сум видел многу пародии на правдата … но ова е целосно незаконско”, рече Навални на видеото објавено на Твитер од неговата портпаролка Кира Јармис.

Руското биро за извршување на кривични санкции објави дека за Навални е распишана потерница на 29 декември 2020 година, за „повторено кршење на правилата“ додека бил на проба и дека ќе биде во затвор до следната судска одлука.

Навални реши да се врати во Русија и покрај заканата од затвор. Овој противник на Кремљ беше во Германија, каде беше префрлен во август откако одеднаш се разболе во текот на летото во Сибир.
Лабораториите во Западна Европа заклучиле дека Навални бил отруен со нервен агенс. Навални го обвинува рускиот претседател Владимир Путин дека наредил негово труење и убиство, а Кремљ тоа го негира.

ООН, Соединетите држави и европските земји го осудија апсењето на Навални и повикаа на итно ослободување.

Share
Scroll to Top