Талибанците обезбедија целосна контрола врз последниот бастион на отпор во авганистанската провинција Паншир во северниот дел на земјата, така што воените непријателства на национално ниво завршија, изјави портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид на прес -конференцијата пренесувана во живо на ТВ-каналот за вести „Аријана њуз“.
„Војната во Авганистан заврши. Нема повеќе оправдувања. Дојде време да ја обновиме нашата земја”, нагласи тој.
Според Муџахид, бројни поранешни авганистански владини претставници кои претходно побегнале во бунтовничката провинција, сега ја напуштиле земјата.
„Паншир е дел од нашиот народ – и цивилите и борците. Заедно ќе ја изградиме заедничката иднина на Авганистан”, изјави тој.
Во меѓувреме, Националниот фронт за отпор демантираше на Твитер дека талибанците ја презеле контролата врз Паншир.
Откако САД ги објавија плановите за повлекување на своите војници од Авганистан, талибанците започнаа голема операција за преземање контрола врз земјата. На 15 август, талибанските милитанти влегоа во Кабул без да наидат на отпор, а авганистанскиот претседател Ашраф Гани се повлече и ја напушти земјата.
Оние што не сакаа да го прифатат талибанското владеење организираа движење на отпор во долината Паншир, предводено од Ахмад Масуд, син на починатиот командант Ахмад Шах Масуд. Поранешниот потпретседател Амрула Салех го повика авганистанскиот народ да го поддржи водачот на отпорот.