Неверојатна трагедија се случила рано утрово на плажа во Вулијагмени во Грција, каде што 82-годишен маж починал од срцев застој по расправија со друг капач, а причина за конфликтот била лежалка.
Како што објавува „Прототема“, сè се случило нешто по 9 часот наутро, кога 82-годишникот пристигнал на плажата со сопругата, по што двајцата се сместиле на лежалки.
Нешто подоцна на истото место пристигнал друг пар – 76-годишен маж и 21-годишна жена, која купила билет за лица со попреченост.
Поради една лежалка избувнала расправија, по што на жената која била во друштво на 76-годишникот ѝ се слошило и била пренесена во амбулантата на плажата.
Меѓутоа, 76-годишникот се вратил, ситуацијата ескалирала и тој физички се пресметал со 82-годишникот. За време на тепачката, 82-годишниот маж доживеал срцев застој и исто така бил пренесен во амбулантата, каде што спасувачите му укажале прва помош, пренесе „Телеграф“.
Откако не успеале да го реанимираат, иако четирипати изведувале кардиопулмонална реанимација и користеле дефибрилатор, мажот го презела екипа на Итната медицинска помош и го пренела во болницата „Асклипио“ во Вула, каде што еден час подоцна починал.
Според сведоштвото на пријател на 76-годишникот, кој заедно со него бил на плажата во Вулијагмени, тензијата започнала додека тој купувал билет, а неговиот пријател отишол да земе лежалки.
„Мојот пријател, 76-годишникот, отиде да земе лежалки, а јас купував билет. Се скара со 82-годишникот, кој му рекол: ‘Знаеш ли кој сум јас? Јас сум од воената морнарица’. Мојот пријател има повреди, како и 21-годишната девојка која беше со него. Пријателот ми рече дека воопшто не го допрел. Го соборил на земја и го тепал“, изјавил тој.
Друг капач кој бил сведок на инцидентот раскажал:
„Слушнавме викање, потрчавме да видиме што се случува и видовме тепачка. Први притрчаа вработените. Настана хаос, никогаш претходно не сум слушнал такви женски врисоци. Видов како тепаат еден маж, друг маж, една жена. А потоа видовме како му вршат реанимација и како тој вели: ‘Имав три бајпаси’.“
Поради инцидентот, 76-годишниот маж бил уапсен поради нанесување телесна повреда со смртна последица.
Дваесет и едногодишната жена која била со него била пуштена на слобода.
Текстот Трагедија на плажа во Грција: Се степале поради лежалка, 82-годишник почина е превземен од МАКФАКС.





