Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја критикува одлуката на американскиот претседател во заминување, Џозеф Бајден, да го помилува својот син Хантер Бајден оценувајќи ја оваа одлука како злоупотреба и погрешна одлука.
Доналд Трамп ја спореди оваа одлука на Бајден со одлуката во која демонстрантите, кои учествуваа во немирите на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година, беа осудени на неколку години затвор.
„Дали помилувањето на Џо Бајден за Хантер ги вклучува и заложниците Ј-6, кои сега се затворени со години? Каква злоупотреба и погрешна одлука“, рекол Трамп, а пренесува американски „Еј-би-си њуз“.
Медиумите потсетуваат дека американскиот претседател во заминување, Џозеф Бајден, претходно објави дека го помилувал својот син Хантер, кој чекаше казна во случаите на нелегално поседување огнено оружје и затајување данок.
„Ниеден разумен човек што ги разгледува фактите за случаите со Хантер не може да дојде до друг заклучок освен овој – Хантер беше издвоен исклучиво затоа што е мој син, и тоа е погрешно“, рече Бајден доцна синоќа мислејќи на правосудна грешка, според написите.
Американскиот претседател во заминување во неколку наврати изјави дека нема да даде претседателско помилување на својот син, потсетуваат светските медиуми.
Текстот Трамп ја критикува одлуката на Бајден да го помилува својот син: Тоа е злоупотреба е превземен од МАКФАКС.






