Трамп ја повика Турција да престане да купува нафта од Русија

Трамп ја повика Турција да престане да купува нафта од Русија

пред 2 часа

Американскиот претседател, Доналд Трамп, ја повика Турција да престане да купува нафта од Русија, објави денес Би-Би-Си.

Трамп му рече на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Белата куќа дека прекинувањето на увозот би било „најдоброто нешто“ што Анкара може да го направи.

Средбата во Овалната соба заврши без решение за прашањето за санкциите на САД против Турција или продажбата на напредни борбени авиони Ф-35, но Трамп изрази оптимизам.

Турција со години не може да набави американски авиони Ф-35. Во 2020 година, Трамп воведе санкции врз Турција затоа што купи руски противвоздушни системи С-400, а една година претходно поради ова, беше исфрлена од програмата во која произведуваше делови за тој авион.

За време на кратките изјави за медиумите, Трамп денес изјави дека сака Турција „да не купува нафта од Русија додека таа продолжува со своите напади во Украина“.

„Најдоброто нешто што може да го направи е да не купува нафта и гас од Русија“, рече Трамп.

Заедно со Индија и Кина, Турција е еден од најголемите купувачи на руски енергетски производи.

Трамп додаде дека верува оти Ердоган е почитуван и од украинскиот претседател Володимир Зеленски и од рускиот претседател Владимир Путин, што значи дека би можел да има големо влијание врз војната ако сака, пишува Би-Би-Си.

Фото: ЕПА

Текстот Трамп ја повика Турција да престане да купува нафта од Русија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top