Трамп ѝ се закани на Европа со строги царини ако Канада се приклучи на ЕУ

Трамп ѝ се закани на Европа со строги царини ако Канада се приклучи на ЕУ

пред 6 часа

Доналд Трамп ѝ се закани на Европа со „строги царини или целосно исклучување на трговијата“ ако Европската унија одлучи да ја прими Канада како придружна членка. Неговиот одговор доаѓа во време кога Канада се обидува да ги зајакне врските со Европа во услови на влошување на односите со Вашингтон.

„Ќе воведам многу високи царини или целосно ќе ја прекинам трговијата со Европа“
Трамп им рече на новинарите дека би можел да одговори на интеграцијата на Канада во ЕУ со царини ако ја смета за непријателски настроена кон САД. Тој ја нарече идејата за придружно членство на Канада, која претходно во текот на денот ја изнесе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, „смешна“.

„Канада е ужасен трговски партнер“, им рече Трамп на новинарите кога беше прашан за предлогот. „Ако ја сметам за непријателска, ќе воведам многу високи царини или целосно ќе ја прекинам трговијата со Европа во многу сектори“, додаде тој.

Сепак, тој остави простор за договор ако се покаже дека намерите се „добри“, но предупреди дека во спротивно САД би можеле да воведат „исклучително високи царини“ за Европа.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, ја изнесе идејата, Канада да биде прва придружна членка на ЕУ во нејзиното обраќање за состојбата на Унијата, со канадскиот премиер Марк Карни во публиката.

„Би сакала да соработувам со вас за да ја отвориме вратата за Канада како прва придружна членка на ЕУ“, рече фон дер Лајен. Таа, исто така, најави поширока „Алијанса за иднината“ што би се темелела на постојниот трговски договор меѓу ЕУ и Канада.

Предлогот ги изненади европските престолнини и не е сосема јасно што би подразбирало придружното членство, бидејќи таков статус моментално не постои во правото на Европската унија.

Што велат во Канада?

Канадските претставници, исто така, се чини дека се дистанцираат од идејата. Идниот амбасадор на Канада во ЕУ, Џонатан Вилкинсон, брзо ги смири шпекулациите. „Сè уште не сме во таа фаза“, им рече тој на новинарите во Стразбур. „Фокусирани сме на постигнување конкретни резултати“.

Изјавите на Трамп доаѓаат во услови на трговска војна меѓу САД и Канада, додека Отава се обидува да ја намали својата економска зависност од Вашингтон. Премиерот Карни повика на „единствен сојуз“ со ЕУ, но не отиде дотаму што директно ја поддржа идејата за асоцијативно членство. Карни треба да се обрати пред Европскиот парламент во четврток.

Текстот Трамп ѝ се закани на Европа со строги царини ако Канада се приклучи на ЕУ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top