Владејачката коалиција предводена од моќната Либерално-демократска партија на Јапонија обезбеди мнозинство на изборите за Горниот дом на Парламентот.
var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);
Изборите се одржаа само два дена по шокантниот атентат на поранешниот премиер Шинзо Абе.
Владејачката коалиција на Либерално-демократската партија и партијата Комито триумфираа на изборите за приближно половина од местата во Горниот дом на Парламентот што се одржаа вчера во Јапонија, освојувајќи 76 од 125 места.
Дури 63 места и припаднаа на самата ЛДП, чиј долгогодишен лидер беше трагично загинатиот поранешен премиер Шинзо Абе, кој минатиот петок беше убиен од 41-годишниот атентатор Тецуја Јамагами, за време на говор како дел од предизборна кампања на улица во градот Нара.
Владејачката коалиција сега има 146 од вкупно 245 пратеници во Горниот дом на Парламентот. Таа, исто така, има апсолутно мнозинство во Долниот дом на Парламентот, каде што ЛДП има просто мнозинство самостојно.
Премиерот Фумио Кишида најави дека неговата влада ќе се посвети на ограничување на инфлацијата. Тој, исто така, рече дека во следните пет години, земјата драстично ќе ја подобри одбранбената моќ на земјата и дека нема да ги исклучи опциите како што е стекнување на способности за контра удар со долг дострел.
Ова до неодамна беше табу тема во Јапонија, бидејќи преовладувачкото толкување на пацифистичкиот устав усвоен во 1947 година, веднаш по капитулацијата во Втората светска војна и за време на американската окупација, диктираше дека Токио во својот арсенал не може да вклучува офанзивно оружје и алатки како што се проектили со долг дострел или носачи на авиони.