Украина до Русија: Ако не сакате војна, повлечете ја акумулираната војска од границата

пред 2 години

Украина ја повика Русија да ги повлече своите сили натрупани долж границата меѓу двете земји и да продолжи со дијалогот со Западот доколку „сериозно“ сака да ги намали тензиите.

„Ако руските лидери се сериозни кога велат дека не сакаат нова војна, Русија мора да продолжи со дипломатските напори и да ги повлече силите акумулирани долж границата со Украина и на привремено окупираната украинска територија“, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба.

„Дипломатијата е единствениот можен начин“, додаде Кулеба.

Русија распореди повеќе од 100.000 војници и тешко оружје во близина на границата со Украина, соопштија западните земји, стравувајќи од можна инвазија.

Москва негира дека сака да ја нападне Украина, велејќи дека не сака војна, туку гаранција од САД и НАТО за нејзината безбедност, особено дека Украина нема да биде членка на Алијансата и дека Вашингтон нема да отвори нови воени бази во поранешната советски републики.

Русија „не сака да биде во позиција во која (нејзината) безбедност е редовно загрозена“, како што би било случај ако Украина се приклучи на НАТО, изјави во неделата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Во телефонски разговор со францускиот колега Жан-Ив Ле Дријан, министерот за надворешни работи на Украина во саботата го повика Западот да биде „внимателен и решителен во контактите со Русија“, велејќи дека е за „политичко и дипломатско решение“ на кризата.

Share
Scroll to Top