Украина направи целни инвестиции во производство на дронови, што ѝ овозможува да произведува до 10 милиони дрона годишно и повеќе не зависи од надворешни доставувачи, вклучувајќи ја и Кина, која неодамна ги пренасочи испораките на своите дронови од Украина во Русија, изјави украинскиот министер за одбрана, Рустем Умеров, по состанокот на контакт-групата за одбрана на Украина (UDCG).
„Нашите капацитети во Украина ни овозможуваат да произведуваме до 10 милиони дрона годишно. Ова нè чинеше 9,6 милијарди евра. Инвестиравме приближно 4,4 милијарди, а сега ни недостигаат уште 5,2 милијарди, што им го докажав на учесниците од контакт-групата. Што се однесува до FPV-дроновите, можеме сами да ги произведуваме, но ни недостига финансирање“, истакна Умеров.
Тој потсети дека неодамна пристигна вест оти кинеските дронови „Мавик“ се пренасочени кон Русија поради што Украина имала проблеми со нивната набавка, па морала да ги бара во други земји, преку разни канали, вклучувајќи ги и партнерите од UDCG.
„Подоцна, почнавме програма за локализирање на производството на вакви дронови. На почетокот имавме проблеми, но сега нарачуваме производ произведен во Украина и со тоа го затвораме тој јаз“, додаде украинскиот министер за одбрана.
Текстот Украина: Можеме да произведуваме до десет милиони дрона годишно без надворешни доставувачи е превземен од МАКФАКС.






