Киев и Москва денеска ја продолжија четвртата рунда преговори, соопшти шефот на украинската преговарачка делегација Михаил Подољак, информирајќи дека на дневен ред се преговорите за прекин на огнот.
„Консултациите започнаа. Општи одредби на дневен ред. Прекин на огнот, повлекување на војниците од нашата територија“, напиша Подољак, кој е и советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Четвртата рунда разговори започна во понеделникот со видео конференција, но делегациите најавија „техничка пауза“ и соопштија дека ќе продолжат во вторник. Изјавите на двете делегации во последните денови беа со благ оптимизам.
Советникот на украинскиот претседател, Олексиј Арестович, изјави во понеделникот вечерта дека војната во Украина веројатно би можела да заврши на почетокот на мај кога Русија ќе снемаат ресурси за напад. Претседателот Зеленски рече дека Русите „почнале да сфаќаат дека нема да постигнат ништо со војна“.
Во меѓувреме, руските сили продолжуваат да ги бомбардираат украинските градови. Најмалку четири лица загинаа во воздушните напади врз Киев во вторникот.