Учениците во ЕУ сè послаби во математика, читање и природни науки

Учениците во ЕУ сè послаби во математика, читање и природни науки

пред 4 часа

Петнаесетгодишните ученици во Европската Унија покажуваат недоволно добри резултати во сите три клучни области и сè повеќе заостануваат зад другите развиени економии, покажува анализата на ЕУ на резултатите од тестирањето ПИСА за минатата година.

„Наодите на ЕУ покажуваат дека учениците постигнуваат недоволно добри резултати во сите три клучни области: 33,9 проценти во математика, 31,3 проценти во читање и 25,9 проценти во природни науки“, наведува Европската комисија, која денеска ги објави резултатите од анализата.

Резултатите од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на знаењата и вештините на учениците – ПИСА, беа објавени на 8 септември. Тие покажуваат дека еден од тројца ученици во ЕУ постигнува недоволно добри резултати во читање или математика, а еден од четворица во природни науки.

Опаѓа и бројот на ученици со највисоки постигнувања. Уделот на најуспешните ученици во ЕУ во 2025 година изнесувал 4,8 проценти во читање, 6,4 проценти во природни науки и 6,8 проценти во математика, што е значително под целта на ЕУ за 2030 година од најмалку 12 проценти во секоја од овие области.

Ниту една земја членка на ЕУ не ја достигнала оваа цел во читањето и природните науки, додека во математиката тоа го постигнале само две земји – Естонија и Полска.

Според Европската комисија, тоа значи дека ЕУ сè повеќе се оддалечува од својата цел до 2030 година уделот на ученици со незадоволителни образовни резултати да се намали на помалку од 15 проценти во секоја од областите.

Помалку од еден на десет ученици постигнува највисоки резултати во која било од овие области. Читачката, математичката и научната писменост во ЕУ значително се намалиле од 2015 година, а Унијата и натаму заостанува зад другите напредни економии.

Резултатите покажуваат и големи предизвици во поглед на еднаквоста меѓу учениците. Учениците од понеповолна социоекономска средина имаат околу четири пати поголема веројатност да постигнат слаби резултати во природните науки во споредба со учениците од поповолна средина.

Истовремено, веројатноста учениците од поповолна средина да бидат меѓу најуспешните е околу осум пати поголема.

Во анализата како причини за послабите резултати на учениците се наведуваат одвлекувањето на вниманието од дигиталните уреди, некритичкото користење на вештачката интелигенција, намалената вклученост на родителите и постојаниот недостиг на наставници.

 

Текстот Учениците во ЕУ сè послаби во математика, читање и природни науки е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top