Финска се затвора од 8 март, можна е вонредна состојба

пред 3 години

Финска се затвора на три недели почнувајќи од 8 март и е подготвена да прогласи вонредна состојба за спречување на ширењето на коронавирусот, објави денеска премиерката Сана Марин.

Затворањето нема да вклучува полициски час, но рестораните ќе се затворат, а учениците над 13 години ќе преминат на учење на далечина, соопшти владата.

Прогласувањето вонредна состојба ќе бара здравствените работници да работат подолго. Марин смета дека е потребна вонредна состојба за да се спречи ширењето на нови видови коронавирус.

„Ако чекаме ситуацијата да се влоши, ќе биде уште потешко да се запре“, нагласи таа.

Но, министерката за правда Ана-Маја Хенриксон, член на помала партија во владејачката коалиција, смета дека употребата на сите кризни мерки не е неопходна и дека би било доволно да се ограничи само работата на рестораните.

Иако Финска има трета најниска стапка на зараза со коронавирусот во Европа, зад Исланд и Норвешка, во оваа земја се бележи нагло зголемување на дневните инфекции.

Во последните две недели, пандемијата се влоши во многу области на земјата, но најтешко е погодена областа околу главниот град Хелсинки.

Share
Scroll to Top