Финска се подготвува за потенцијално историска одлука за своја кандидатура за членство во НАТО, со цел да ја одврати руската агресија, пишува денеска „Франс прес“ (АФП).
Нордиската држава со 5,5 милиони жители, традиционално се држи настрана во воените прашања, делумно за да не го испровоцира својот источен сосед, Русија, со која дели граница долга 1.300 километри.
Но, руската инвазија на Украина на 24-ти февруари ја удвои поддршката на финските граѓани за членство во НАТО од 30 на 60 отсто, покажа серија на спроведени анкети.
„Никогаш не го потценувајте капацитетот на Финците да носат брзи одлуки кога светот се менува“, рече поранешниот фински премиер Александер Стуб. Стуб, кој и самиот е долгогодишен поборник за членство во НАТО, сега верува дека кандидатурата на Финска е неизбежна во време кога Финците ги преиспитуваат односите со Русија.
Извештајот за националната безбедност, побаран од Владата, ќе биде доставен до финскиот парламент следната недела за да им помогне на пратениците да одлучат пред да се гласа за кандидатурата.
„Ќе имаме многу внимателни дискусии, но нема да траат подолго отколку што е потребно“, рече премиерката Сана Марин на прес-конференција во петокот. Таа додаде дека расправата треба да заврши до крајот на јуни.
„Моја проценка е дека ќе ја поднесеме нашата кандидатура во мај, пред јунскиот самит на НАТО во Мадрид“, рече Стуб.
Финска остана надвор од трансатлантскиот воен сојуз, но и покрај некои кратења, по Студената војна се фокусираше на одржување на добро опремени одбранбени способности.
„Можеме да мобилизираме од 280.000 до 300.000 мажи и жени во рок од неколку дена“, рече Стуб, додавајќи дека на располагање имаат и 900.000 резервисти.