Фон дер Лајен остро го критикуваше „Икс“ на Маск поради АИ-содржини со голи жени

Фон дер Лајен остро го критикуваше „Икс“ на Маск поради АИ-содржини со голи жени

пред 4 часа

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја критикуваше платформата „Икс“ на милијардерот Илон Маск поради ширење сексуално експлицитни deepfake содржини создадени со помош на АИ-чатботот Grok, пишува Политико.

„Згрозена сум што технолошка платформа им овозможува на корисниците дигитално да ги ‘соблекуваат’ жените и децата на интернет. Тоа е незамисливо однесување. А штетата предизвикана од овие deepfake содржини е многу реална“, изјави фон дер Лајен во интервју за повеќе европски медиуми, меѓу кои Ројтерс и Кориере дела сера.

„Нема да ја препуштиме заштитата на децата и прашањето на согласност на Силиконската долина. Ако тие не постапат, ние ќе постапиме“, предупреди таа. Од почетокот на јануари, илјадници жени и тинејџерки, меѓу кои и јавни личности, пријавиле дека нивни фотографии на социјалните мрежи биле „соблечени“ и претворени во фотографии во бикини од страна на Grok, по барање на корисници.

Алатката за креирање deepfake содржини поттикна истраги од регулаторите ширум Европа, вклучувајќи ги Брисел, Даблин, Париз и Лондон. Европската комисија минатиот четврток ѝ наложи на платформата X да ги зачува „сите внатрешни документи и податоци поврзани со Grok“, што претставува ескалација на постојната истрага за политиките за модерирање содржини на X.

Комисијата ги оцени сексуално експлицитните deepfake содржини создадени без согласност како „незаконски“, „ужасни“ и „одвратни“.

Како одговор, X ја ограничи контроверзната функција за генерирање АИ-слики само на корисници со платена претплата. Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењер, изјави дека ограничувањето на алатката на претплатници не значи крај на истрагата на ЕУ.

Скандалот се појави како нов тест за решителноста на ЕУ да го ограничи влијанието на Маск и американските технолошки гиганти. Само еден месец претходно, Брисел ја казни платформата X со 120 милиони евра поради кршење на клучниот закон на Унијата за онлајн платформи – Актот за дигитални услуги (DSA).

Казната предизвика брза и силна реакција од Вашингтон, при што американската администрација воведе забрана за патување за поранешниот европски комесар за дигитална технологија и главен архитект на DSA, Тјери Бретон. Од платформата X не одговориле веднаш на барањето за коментар за критиките на Урсула фон дер Лајен.

Фото: Depositphotos

Текстот Фон дер Лајен остро го критикуваше „Икс“ на Маск поради АИ-содржини со голи жени е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top