Фон дер Лајен: Првите Европејци ќе бидат вакцинирани пред крајот на 2020

пред 4 години

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен днеска изјави дека првите Европејци веројатно ќе бидат вакцинирани против Ковид-19 пред крајот на годинава, откако Европската агенција за лекови објави дека може да ја одобри вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ на состанокот на 21 декември.

Европската агенција за лекови (ЕМА) во вторникот објави дека состанокот на кој ќе се дискутира за одобрувањето на вакцината може да се помести на 21 декември, наместо претходно закажаниот датум, 29 декември.

„Секој ден е важен, работиме со полна брзина да одобриме вакцина против Ковид-19 што е безбедна и ефикасна.

Ги поздравувам вестите од ЕМА. Веројатно првите Европејци ќе бидат вакцинирани пред крајот на 2020 година“, објави на „Твитер“ претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Претходно, германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, повика на забрзување на процесот. Велика Британија прва ја одобри вакцината изработена од фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтек“ и веќе им ја дава на своите жители, а САД вчера ја започнаа својата програма за вакцинација со истата оваа вакцина.

За разлика од САД и Велика Британија, Европската Унија не издава одобренија за итни случаи за вакцинација, што значи дека постапката мора да се спроведе според вообичаената процедура.

Share
Scroll to Top