Фон дер Лајен: Продолжуваме да даваме максимална поддршка на Украина

Фон дер Лајен: Продолжуваме да даваме максимална поддршка на Украина

пред 10 часа

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека Европа ќе продолжи да дава максимална поддршка на Украина и во исто време да го зголемува притисокот врз Русија, со целосно европско вклучување во преговорите за постигнување траен мир.

Обраќајќи се на пленарната седница на Европскиот парламент, фон дер Лајен рече дека војната мора да заврши поради децата кои се родени по почетокот на „руската инвазија и кои не го познаваа животот без војна“, се вели во соопштението на ЕК.

Таа изјави дека во текот на септември и октомври, Русија изгубила повеќе територија отколку што добила, со големи човечки загуби, вклучувајќи повеќе од 50.000 жртви само во октомври.

Како што истакна, Москва ги интензивирала нападите врз украинските градови и од септември повеќе од 1.000 пати ја таргетирала инфраструктурата, вклучувајќи електрани, системи за греење и водоснабдување.

Фон дер Лајен истакна дека од почетокот на војната, Европската Унија обезбедила повеќе од 235 милијарди евра поддршка за Украина, вклучувајќи финансиска и воена помош, како и средства за реконструкција на оштетената инфраструктура.

Според неа, финансиските потреби на Украина за 2026 година се покриени, но следната година се очекува финансиска празнина од околу 70 милијарди евра.

Затоа Европската комисија го предложи Инструментот за координирана поддршка на Украина, кој би обезбедил 45 милијарди евра во 2027 година, од кои 20 милијарди за буџетска поддршка и 25 милијарди за воена поддршка.

Останатата третина од потребните средства треба да ја обезбедат меѓународните партнери.

Таа нагласи дека Украина треба да го врати долгот само кога Русија ќе ги плати воените штети.

Зборувајќи за притисокот врз Москва, Фон дер Лајен изјави дека ЕУ го усвоила 22-от пакет санкции, кој вклучува проширување на забраната за трансакции на околу 60 руски банки, дополнителни мерки против криптовалути и платни мрежи, како и ограничувања на енергетските услуги.

Пакетот, исто така, предвидува мерки против таканаречената „тајна флота“ на Русија, вклучително и ставање на повеќе од 70 бродови на списокот со санкции и предлог за забрана на сите танкери осигурени во Русија.

Европската комисија предложи забрана за издавање визи на лица кои служат или служеле во руските вооружени сили, како и забрана за европски граѓани кои имаат позиции во управните тела на компании во Русија.

Меѓу мерките се забрана за настап на руски тимови и спортисти под руско знаме на спортски настани во ЕУ, како и ограничување на руското спонзорство на европски спортски и културни организации.

Фон дер Лајен изјави дека Европа сака да учествува во следната рунда мировни преговори и дека напредокот ќе се оценува врз основа на постапките на Русија, а не само на нејзините изјави.

Таа изјави дека Русија треба да се согласи на зимски прекин на огнот што би вклучувал енергетска инфраструктура, како и на примирје што би овозможило безбедно поминување на извозот на храна преку Црното Море.

Фон дер Лајен нагласи дека мирот не значи само крај на конфликтот, туку и обнова на Украина и нејзината европска иднина.

Според неа, ЕУ е на добар пат да ги отвори последните два кластери во преговорите за пристапување на Украина кон Унијата оваа година.

„Европа сака мир што може да трае, што го штити суверенитетот на Украина и обезбедува гаранции за нејзината долгорочна безбедност“, рече Фон дер Лајен, пренесува Танјуг.

Текстот Фон дер Лајен: Продолжуваме да даваме максимална поддршка на Украина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top