Елисејската палата потврди дека до јуни Франција ќе донира 500.000 дози вакцина против Ковид-19 за сиромашните земји, како дел од иницијативата на претседателот Емануел Макрон, кој ги повика лидерите на најбогатите земји од Г7 да им дадат меѓу три и пет проценти од нивните вакцини на посиромашните земји.
„Важно е за претседателот да го воспостави овој механизам што е можно поскоро, бидејќи има потреба од брзина, а Франција ќе го стори тоа со давање на 500.000 дози до јуни, и ние ќе ве информираме како се дистрибуираат тие вакцини“, изјави висок официјален претставник за бриселски „Политико“.
„Политико“ известува дека бројот на дози што Франција планира да ги донира е помал дел од вкупното количество што земјата треба да го добие и дека досега се добиени повеќе од 7 милиони вакцини, додека се очекува дека неделните испораки ќе се зголемат значително од април.
Фармацевтските и биотехнолошките компании во земјата сè уште немаат произведено свои вакцини, а Франција, како и повеќето земји членки на ЕУ, во моментов се соочува со проблем на доцнење во испораката од производствените капацитети во Европа и САД, но Макрон е главен поборник за глобална солидарност кога станува збор за пристап до вакцини против Ковид-19, наведува „Политико“.