Преголемиот долг на Франција го доведува во прашање нејзиниот опстанок, предупреди денес премиерот Франсоа Бајру, пред гласањето за доверба на неговата влада, кое се очекува да го изгуби, што би можело да ја турне втората по големина економија во еврозоната во подлабока криза.
Бајру, четвртиот премиер за помалку од две години, побара гласање за доверба поради акутниот притисок со кој се соочува Франција, со минатогодишниот дефицит кој е речиси двојно поголем од европската граница од 3 проценти од БДП и јавниот долг од 113,9 проценти од БДП.
Тој го предупреди парламентот дека секоја следна влада ќе се соочи со истите проблеми. „Имате моќ да соборите влада, но немате моќ да ја избришете реалноста. Реалноста ќе остане неумолива: трошоците ќе продолжат да растат, а товарот на долгот, веќе неподнослив, ќе стане потежок и поскап“, им рече Бајру на пратениците.
Опозициските партии јасно ставија до знаење дека не се согласуваат со него за тоа како да се справи со долгот и ќе гласаат против малцинската влада на Бајру.
„Клучното прашање, прашање на живот и смрт, каде што е во прашање нашиот опстанок… е прашањето за контрола на нашите трошоци, прашањето за презадолженост“, го предупреди Бајру парламентот.
Падот на малцинската влада, што изгледа веројатно, би можел дополнително да ги продлабочи проблемите на Франција во критичен момент за Европа која бара единство, соочена со војната на Русија во Украина, сè подоминантната Кина и трговските тензии со Соединетите Американски Држави.
„Нашата земја има итна потреба од јасност, има најитна потреба од единство. Но, токму поделбата се заканува да преовлада, а го загрозува нејзиниот имиџ и углед.“
Исходот од гласањето за доверба, по говорите на Бајру и лидерите на сите политички групи, би можел да биде познат околу 19 часот по средноевропско време.
фото: принтскрин
Текстот Францускиот премиер пред заминување: Нашата земја е во голема опасност е превземен од МАКФАКС.