Христијаните во Германија станаа малцинство

пред 3 години

Во Германија, Римокатоличката и Евангелистичката црква губат сè поголемо влијание, со што христијаните станаа малцинство во Германија, пренесуваат германските медиуми.

Кога ќе се соберат членовите на католичката и евангелистичката верска заедница, кои се двете најголеми христијански цркви во таа земја, се гледа дека нивниот број паднал под 50 отсто.

„ Ова е историски пресврт. По многу векови, за прв пат во Германија, веќе не е нормално да се биде член на црковната заедница“, објасни социологот Карстен Фрерк.

Тој посочи дека веќе подолго време е забележлив трендот на намалување на бројот на припадниците на христијанските верски заедници. Во текот на изминатите шест години, овој тренд се забрза.

Минатата година христијаните, односно членовите на Католичката и Евангелистичката црква сочинувале 51 отсто од населението, а за споредба, уште во 1990 година, уделот на припадниците на тие верски заедници бил 72 отсто.

Германците од католичка вероисповед, пред сè, се повеќе ѝ вртат грб на својата црква, а поради бројните скандали се повлекуваат од таа верска заедница.

Се поголем е и бројот на Германци кои не сакаат да се изјаснат за својата вера, а во исто време бројот на муслимани постојано се зголемува, како преку работната имиграција, така и поради големиот мигрантски бран во последните години.

Share
Scroll to Top