Поради високата опасност од избувнување и ширење шумски пожари, во одредени шумски подрачја на Халкидики и денес, 16 август, е во сила целосна забрана за движење на пешаци и возила.
Забраната стапила во сила во 8 часот утрово и ќе трае до 8 часот во понеделник, 17 август. Таа се однесува на полуостровите Касандра и Ситонија, подрачјето од Комица до Уранополис, како и на општината Полигирос.
Грчката полиција ќе спроведува засилени и континуирани контроли на пристапите кон шумските патишта со цел да се спречи влез во забранетите подрачја. Лицата што ќе бидат затекнати во зоните опфатени со забраната ќе бидат отстранети од подрачјето.
Исклучок има само за членовите на доброволните организации кои се ангажирани во активности за заштита од пожари.
Надлежните ги повикаа жителите и туристите строго да ја почитуваат забраната, бидејќи за нејзино прекршување е предвидена глоба од 300 евра.
Текстот Целосна забрана за движење во шумските подрачја на Халкидики поради висок ризик од пожари е превземен од МАКФАКС.





