Чавушоглу: Договорот за Нагорно-Карабах е голема победа за Азербејџан

пред 3 години

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, упати честитки до Азербејџан за ослободувањето на неговите окупирани територии, а договорот за Нагорно – Карабах го нарече голема победа за Баку, пренесува „Анадолија“.

„Ќе продолжиме да го поддржуваме Азербејџан. Договорот е голем успех и победа за Азербејџан. Териториите, што се под окупација 30 години, се ослободени“, изјави Чавушоглу на прес-конференцијата во Анкара, посочувајќи дека Турција е во контакт со сите страни за надзор на договорот за ставање крај на спорот во врска со Нагорно-Карабах.

Рускиот претседател, Владимир Путин, претходно објави дека Азербејџан и Ерменија потпишале договор за создавање на потребните услови за долготрајно и сеопфатно решение за долготрајниот конфликт во Нагорно-Карабах. Објавата за потпишувањето договор доведе до прослави во многу азербејџански градови, при што илјадници лица ги носеа азербејџанското и турското знаме, пеејќи ги химните.

Претходно и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев порача дека договорот за Нагорно- Карабах кој го потпишале Азербејџан, Русија и Ерменија претставува воен пораз на Ерменија.

„Денес е завршен проблемот меѓу Азербејџан и Ерменија околу Нагорно-Карабах“, изјави Алиев и додаде дека договорот на трите земји претставува последна точка во врска со решавањето на ова прашање.

Алиев потврди дека со договорот се запрени воените операции во регионот и дека Азербејџан и Ерменија ќе ги задржат позициите кои сега ги контролираат.

Тој изјави дека на линијата на контакт во Нагорно Карабах ќе бидат распоредени 1.960 руски војници во рамките на мировните сили, кои ќе располагаат со 90 оклопни возила. Руските мировни сили во регионот ќе останат пет години, а ако не дојде до жалба од една од страните најмалку шест месеци пред истекување на мисијата, нивниот престој ќе биде автоматски продолжен.

Алиев најави и учество на Турција во механизмот за надзор за спроведување на примирјето, која таа улога ќе ја извршува преку офицер во заедничкиот центар за надзор, во кој ќе биде и Русија.

„Турција официјално ќе учествува во решението на овој судир и во надзор на спроведувањето на примирјето. Сакам да ги пофалам напорите на Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Русија, Владимир Путин, бидејќи тие во овие 45 дена вложија големи напори да се дојде до решението“, изјави Алиев.

Тој посочи и дека сегашниот договор не го третира статусот на Нагорно-Карабах.

Share
Scroll to Top