Чеченците објавија видео од Мариупол, Кадиров: Градот е под наша контрола

пред 2 години

Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров објави видео од чеченските војници од Мариупол, велејќи дека чеченските трупи ја презеле контролата врз секоја педа од пристанишниот град во јужна Украина.

Во неговото обраќање, Кадиров вели дека Украинците ги предвиделе речиси сите сценарија, но не успеале да ја предвидат храброста на чеченските војници.

Тој додава дека чеченските војници, под команда на Адам Делимханов, работеле на највисоко ниво за целосно да го окупираат градот.

„Целата територија е систематски исчистена од националисти, сатани и секое друго ѓубре. Заземена е административната зграда на металуршкиот комбинат Азовстал, која е од посебно стратешко значење“ изјавил Кадиров.

Според него, припадниците на украинската армија кои останале во Мариупол се во бункери под Азовстал.

„Сигурен сум дека овие ѕидови се последното нешто што ќе го видат во животот. Поради нехуманите методи на националистите, нашите војници повремено имаа потешкотии. Фашистичката толпа намерно избра позиции за стрелање во непосредна близина на станбените згради. Поради тоа, задачите за ликвидација станаа покомплицирани“, истакнал чеченскиот лидер.

На крајот од своето обраќање тој изразил благодарност до секој командант, војници и доброволци кои дале непроценлив придонес во освојувањето на Мариупол, пренесуваат медиумите.

Share
Scroll to Top