Чешката влада од утре затвора барови и ресторани, воведува и он-лајн настава

пред 4 години

Од утре до 3 ноември, во Чешка ќе бидат затворени баровите и рестораните и ќе се воведе он-лајн настава во повеќето училишта, како дел од новите мерки што ги воведува земјата за да се запре брзото ширење на коронавирус. Чешка бележи зголемување на бројот на заразени со Kовид-19 кој се искачи на скоро 120.000 од околу 25.000 на почетокот на септември. Состојбата во болниците исто така станува потешка, бидејќи oд почетокот на октомври бројот на пациенти е двојно зголемен. Соочена со таква ситуација, владата се обидува да го избегне строгиот карантин што пролетва и нанесе огромна штета на економијата. Мерките беа олеснети во текот на летото, кога земјата излезе од првиот бран пандемија со помалку случаи од нејзините западни соседи. „Свесни сме дека имаме една можност и мора да биде успешна со цел да се надмине епидемијата и овој пат“, рече премиерот Андреј Бабиш на прес-конференција, додавајќи дека приоритет е болниците да го издржат притисокот предизвикан од значително зголемување на бројот на заразени. Како дел од новите мерки, јавните собири ќе бидат ограничени на шест лица, ќе се забрани консумирање алкохолни пијалоци на јавни места, а носењето маски ќе биде задолжително во јавниот превоз. Сите часови, освен програмите за предучилишна возраст, ќе се изведуваат преку Интернет до 1 ноември.

Share
Scroll to Top