Чоколадна реплика на Индиската порта во Њу Делхи, наменета како белгиски подарок за индискиот премиер Нарендра Моди, била оштетена на пат кон Индија, изјави белгискиот премиер Барт де Вевер.
Де Вевер се пошегува за несреќата на заедничката прес-конференција со Моди. Тој планирал да му подари скулптура „направена од најдоброто белгиско чоколадо“, објави Политико.
„Но, за разлика од вистинската Врата на Индија, која стои речиси еден век, чоколадната верзија дури и не стигнала до Индија. Чоколадото е одлично за дипломатија, но не е одлично за дипломатски патувања“, рече тој.
Целта била да им се оддаде почит на индиските војници убиени во Фландрија
Сепак, подарокот имал посериозна порака. Индиската порта е воен споменик во Њу Делхи, а Де Вевер рекол дека репликата била наменета да им оддаде почит на повеќе од 9.000 индиски војници кои се бореле и загинале во регионот Фландрија во Белгија за време на Првата светска војна.
Резервна реплика сè уште е во Белгија, рече Де Вевер. Тој вети дека ќе се снајде подобро: „На еден или друг начин, таа ќе стигне до премиерот Моди во едно парче“.
Дипломатските подароци и претходно доведоа до необични ситуации. Камилата што Мали му ја даде на поранешниот француски претседател Франсоа Оланд беше оставена на семејство во Тимбукту, кое подоцна ја закла и изеде. Во 2014 година, тогашниот државен секретар на САД, Џон Кери, му подари на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, два компири од Ајдахо.
Освен дипломатската лоша среќа, Де Вевер и Моди се согласија да ја продлабочат соработката во областа на одбраната, борбата против организираниот криминал и обновливите извори на енергија, со цел зголемување на трговијата. Де Вевер, исто така, го покани Моди да ја посети Белгија.
Текстот Чоколадниот подарок од белгискиот премиер за Моди оштетен на пат кон Индија е превземен од МАКФАКС.





