Високиот комесар за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во интервју за шпанската јавна телевизија ТВЕ изјави дека Европската Унија нема да дозволи преговорите меѓу Русија и Украина да завршат со „воспоставување марионетска влада“ во Киев.
„Сите војни завршуваат, но треба да видиме како. Тоа не смее да се случи и нема да дозволиме ова да заврши со задушување на слободите на Украинците и нивната легитимна влада, која би била заменета со марионетска влада, како што се случи во времето кога Русија беше дел од Советскиот Сојуз“, изјави Борел, поранешен министер за надворешни работи на Шпанија.
Преговорите меѓу конфликтните страни почнаа денеска на границата меѓу Белорусија и Украина. Рускиот претседател Владимир Путин во неделата нареди руските нуклеарни сили да се подигнат на високо ниво на готовност, оправдувајќи го тоа со агресивните изјави на НАТО и економските санкции против Москва.
Во исто време, ЕУ најави дека ќе додели 450 милиони евра на украинските вооружени сили за набавка на оружје и дополнителни 50 милиони евра за набавка на заштитна опрема и гориво. НАТО, од друга страна, денеска соопшти дека ќе ја снабдува Украина со ракети за противвоздушна одбрана и противтенковско оружје.
„Само спомнувањето на нуклеарното оружје е апсолутно неодговорен потег. Тој одлично го опишува г-дин Путин“, рече Борел. Борел тврди дека конфликтот може да се прелее во Молдавија и Грузија, каде што отцепените региони со руско население веќе функционираат како држави, но без меѓународно признавање. Смета дека влошување може да дојде и во поранешна Југославија.
„Се плашиме дека може да има повеќе конфликти, на пример на границата со Молдавија, или дека нешто може повторно да се случи на Балканот. Тоа нè загрижува. Или во Грузија, каде Русија изврши агресија во 2008 година. Јас лично сум загрижен“. рече тој.