Во изминатите 75 години, НАТО можеше да спречи воен напад врз која било од своите членки благодарение на јасната комуникација дека Алијансата е таму за да ги брани своите членки, и затоа секоја сугестија дека нема да се заштитиме едни со други ја поткопува безбедноста на сите нас, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Целта на НАТО е да спречи војна, да го зачува мирот, да спречи напади врз сојузничките земји и тоа го правевме со децении затоа што нашата моќ на одвраќање беше веродостојна. Затоа, секоја сугестија дека нема да се заштитиме едни со други ја поткопува безбедноста на сите нас и ги зголемува ризиците“, рече тој. Столтенберг на прес-конференција одговарајќи на прашањето за коментирање на неодамнешните изјави на веројатниот републикански кандидат на претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп.
Трамп рече дека САД нема да им помогнат на оние земји кои не плаќаат два отсто од својот БДП за одбрана и дека, згора на тоа, ќе поттикне напад врз тие членки. Столтенберг рече дека неговата порака до Трамп е дека кредибилитетот на силите за одвраќање на НАТО не треба да се поткопува.
„Ова се однесува на способностите во кои инвестираме, но и на начинот на кој комуницираме затоа што нашите противници ја имаат на ум нашата моќ за одвраќање. Не треба да оставиме простор за погрешна пресметка или недоразбирање во Москва за нашата подготвеност, посветеност и решеност да ги заштитиме сите сојузници“, рече генералниот секретар.
Столтенберг го повтори главниот принцип на кој почива НАТО, а тоа е дека нападот врз една членка носи одговор од целата Алијанса. „Сè додека стоиме заедно зад таа порака, спречуваме каков било напад врз еден од нашите членови. Затоа, важно е да го пренесеме ова јасно со зборови и дела“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека денес нема непосредна закана за сојузниците во НАТО поради таа одредба и затоа што Алијансата значително ја зголемила својата колективна одбрана од 2014 година. Тој рече дека тоа е поттикнато од руската нелегална анексија на Крим.
Столтенберг рече дека НАТО ќе продолжи силно да ја поддржува Украина, ја поздрави одлуката на ЕУ за пакетот помош од 50 милијарди евра и го повика американскиот Конгрес исто така да ја одобри помошта. „Тоа не е милостина, тоа е инвестиција во нашата безбедност“, рече генералниот секретар.
Главна тема на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО е натамошната поддршка на украинските воени напори и распределбата за одбраната. Земјите-членки поставија цел да издвојат минимум 2 отсто од својот БДП за трошоците за одбрана
Попладнево ќе се одржи состанок на контакт групата за Украина, која обединува повеќе од 50 земји под водство на САД. Дел од учесниците ќе бидат физички присутни, а дел ќе учествуваат на средбата преку видео врска.
Утре се состанува Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, а потоа и Советот НАТО-Украина.
Текстот Шефот на НАТО му одговори на Трамп: Секоја сугестија дека нема да се заштитиме едни со други ја поткопува нашата безбедност е превземен од МАКФАКС.