Началникот на ирската полиција Дру Харис објави дека 34 лица се уапсени за немирите во Даблин во четвртокот вечерта, по нападот со нож во ирската престолнина вчера, при што четири лица беа повредени.
„Имаме вкупно 34 апсења, од кои 32 лица ќе бидат изведени пред суд утрово“, изјави Харис на прес-конференција, пренесува Би-би-си.
Тој додаде дека за време на насилните протести значително се оштетени 13 продавници, уништени се 11 полициски возила, три автобуси и еден трамвај.
Еден полицаец е тешко повреден за време на полициската акција, додека многу повеќе се повредени за време на немирите, изјави началникот на ирската полиција.
Законот и редот беа воспоставени синоќа околу 21 часот, рече Харис.
За време на протестот, толпата извикуваше слогани против мигрантите, според Гардијан, а Харис на синоќешната прес-конференција рече дека „во немирите била вклучена хулиганска фракција, водена од екстремно десничарска идеологија.
Харис пред новинарите ги опиша синоќешните настани во Даблин како „вонредни“, додавајќи дека такви сцени не биле видени во главниот град на Ирска „со децении“.
Харис го оправда одговорот на полициските службеници на местото на настанот, додавајќи дека ќе биде извршен „фундаментален преглед на тактиката за воспоставување јавен ред“.
Шефот на ирската полиција предупреди дека постојат сомневања дека може да има повеќе насилство на улиците на Даблин и дека се проценува соодветна реакција.
Во Даблин утринава забележително е зголемено присуството на безбедносните сили по синоќешните насилства, грабежи и хаос во главниот град на Ирска, на протестот по нападот со нож во училиште, во кој беа повредени три деца.
Јавниот сообраќај е нормализиран со одредени промени во центарот на градот, а улиците се расчистуваат, јавуваат локалните медиуми.
Текстот Шефот на полицијата: Уапсени 34 лица поради немирите во Даблин е превземен од МАКФАКС.