Шефот на хрватската дипломатија побара од Србија да се усогласи со политиките на ЕУ

пред 2 години

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман и порача на Србија дека е време да се усогласи со надворешната политика на Европската Унија.

„По неодамнешните избори, очекуваме Србија да води надворешна политика која ќе биде во согласност со европските вредности и принципи“, рече Грлиќ Радман при пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел на разговори за ситуацијата во Украина.

Тој рече и дека ќе ја нагласи важноста на стабилноста на Западен Балкан и дека во текот на разговорот ќе го постави прашањето за ситуацијата во БиХ, која, како што рече, е во политичка криза.

„Ќе ја истакнам и важноста на стабилноста на Западен Балкан. Босна и Херцеговина навистина е во политичка криза и законитоста и интегритетот на претстојните избори мора да се обезбедат преку новиот изборен закон“, изјави Грлиќ Радман.

Преговорите за измените на Изборниот закон на БиХ завршија по девет месеци, на 20 март, без резултати.

На средбата, освен за ситуацијата во Украина, треба да се разговара и за потенцијалните последици од руската агресија врз Украина и Западен Балкан, јавува Радио Слободна Европа.

Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка, Унгарија, Словачка и Словенија побараа стратешка дискусија за ситуацијата во регионот, наведуваат медиумите.

Share
Scroll to Top