Шугата стигна до полицијата и војската: шпанскиот полициски синдикат бара преглед на сите членови

Шугата стигна до полицијата и војската: шпанскиот полициски синдикат бара преглед на сите членови

пред 2 часа

Шпанскиот полициски синдикат „Хупол“ (JUPOL) побара сите членови на Националната полиција кои биле ангажирани во Сеута да се подложат на медицински прегледи, откако кај еден полицаец е дијагностицирана шуга по враќањето во Мадрид.

Според информациите објавени од весникот „Мундо“, полицаецот престојувал во Сеута девет дена, а на 5 август побарал заштитни маски и ракавици. Според неговите изјави, опремата ја добил дури три дена подоцна.

По враќањето во Мадрид, му се појавил осип на градите и стомакот, а лекарот утврдил дека станува збор за шуга.
Синдикатот сега бара итна истрага за да се утврди дали полицајците имале соодветна заштитна опрема за време на нивното распоредување во Сеута и дали се почитувале прописите за безбедност и здравје при работа.

„Хупол“ предупреди дека, доколку се утврди дека имало пропусти и прекршувања на законските обврски, може да покрене судска постапка.

Во исто време, шпанското Министерство за одбрана објави дека бројот на воен персонал кај кој е дијагностицирана шуга во Сеута се искачил на 24.

Заразените војници примаат соодветна терапија, додека Здравствената служба на Генералната команда на Сеута воведе посебен протокол за спречување на нови случаи, рано откривање на симптомите и лекување во сите единици.

Министерството за одбрана истакнува дека нема основа за поврзување на инфекциите со контакт на војниците со мигранти. Според објаснувањето на шпанските власти, шугата е заразна болест која може да се шири во услови на зголемена влажност и близок контакт меѓу луѓето.

Сепак, воените здруженија побараа дополнителни информации од Министерството за одбрана, по претходното предупредување за условите во кои биле сместени некои припадници на армијата.

Ситуацијата во Сеута во последните недели претставува голем безбедносен и организациски предизвик за шпанските сили, по масовниот прилив на мигранти кон крајот на јули. Шпанското Министерство за внатрешни работи објави дека присуството на полицијата и другите безбедносни структури во енклавата е зголемено по кризата.

Во меѓувреме, полициските синдикати предупредија за преоптовареност на полицајците на Националната полиција распоредени во Сеута и побараа дополнителен персонал и опрема.

Фото: ЕПА

Текстот Шугата стигна до полицијата и војската: шпанскиот полициски синдикат бара преглед на сите членови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top