Јапонскиот пасош најмоќен во светот, македонскиот на 42-то место

пред 3 години

Јапонија сè уште го поседува најсилниот пасош во светот, според индексот за пасоши на Хенли, кој ја рангираше Македонија на 42-то место, пренесуваат медиумите во регионот.

Имено, индексот на „најјак пасош“ се одредува според тоа во колку земји граѓаните на една земја можат слободно да патуваат, односно тоа да го прават без виза.

Кога станува збор за Јапонија, која со години е на првата позиција, граѓаните на таа земја можат слободно, односно без визи, да одат во дури 192 земји, што е подобрување во однос на 2018 година, кога Јапонците можеа да заминат во 189 земји без визи.

Јапонија го дели првото место со Сингапур, кој беше на второто место во 2018 година.

Германскиот и јужнокорејскиот пасош се на второ место, додека третото место го делат Финска, Италија, Луксембург и Шпанија, чии граѓани можат без виза да одат во 189 земји.

На четвртото место се најдоа Австрија, Данска, Франција, Холандија и Шведска. Според овој индекс, нивните граѓани без виза можат да одат во 188 земји.

Ирска и Португалија се на петтото место, а потоа следат Белгија, Нов Зеланд, Норвешка, Швајцарија, Обединетото Кралство и САД.

Романија е на 16-то место (174), а Бугарија на 17-то (173).

Според оваа листа, како што јавуваат агенциите, кога се во прашање земјите од регионот, Словенија е најдобро рангирана. На 10-то место се најде пасошот на таа земја, чии граѓани заедно со Естонците и Литванците можат да заминат во 181 земја во светот. Хрватскиот пасош е на 17-та позиција (173 земји).

Пасошот на соседна Србија е на 36-то место со можност за патување во 135 земји. Северна Македонија е на 42 место, без визи може да се патува во 125 земји.

Граѓаните на Црна Гора со пасош, кој е на 43-то место, можат без виза да патуваат во 123 земји.

Пасошот на Босна и Херцеговина (БиХ) е на 47 место (117), Албанија на 49-то место (114).

Најлоши пасоши имаат граѓаните на Авганистан, Ирак, Сирија, Пакистан, Јемен и Сомалија, чии граѓани без визи можат да патуваат во околу 30 земји.

Share
Scroll to Top