Словачката полиција на својот Фејсбук објави приказна за 11-годишно момче од Запорожје, кое бегајќи од војната, без придружба пристигнало во Словачка преку граница.
„ Со една најлонска кеса, пасош и пишан телефонски број на раката, тој дојде сосема сам бидејќи неговите родители мораа да останат во Украина. Волонтерите се грижеа за него, го стоплија и му обезбедија храна и пијалоци кои ги спакуваа за да го продолжи патувањето. Сите ги освои со својата насмевка, бестрашност и решителност, достоен за вистински херој“, напиша словачката полиција на Фејсбук.
Подоцна по него дошле роднините на момчето, а сето тоа благодарение на бројот испишан на неговата рака.