Лидерите на 22 земји-членки на Европската Унија, на иницијатива на Италија и Данска, испратија писмо до претседателите на Европскиот совет, Европската комисија и Советот на ЕУ, во кое бараат итен и координиран европски одговор по неодамнешните случувања на надворешната граница во шпанската енклава Сеута.
Во писмото се бара итно одржување видеоконференција на министрите за внатрешни работи за да се процени состојбата и да се договорат заеднички мерки за спречување на неконтролирани нелегални преминувања, сузбивање на мрежите за криумчарење мигранти и отстранување на факторите што ги поттикнуваат новите миграциски бранови.
Потписниците изразуваат сериозна загриженост поради ситуацијата во Сеута и наведуваат дека неодамнешната одлука на шпанскиот Врховен суд била искористена за злоупотреба на европскиот систем за азил и миграција.
Во писмото се истакнува дека е потребно зајакнување на надворешните граници на Унијата и укинување на политиките што, според нив, претставуваат поттик за нелегална миграција, вклучително и масовната легализација на статусот на нелегалните мигранти.
Лидерите предупредуваат дека не смее да се создаде впечаток дека нелегалното влегување во Европската Унија може подоцна да резултира со легален престој, бидејќи тоа би поттикнало нови обиди за нелегална миграција и би ја нарушило довербата во заедничката европска миграциска политика.
Во документот се бара од ирското претседателство со Советот на ЕУ итно да свика вонредна видеоконференција на министрите за внатрешни работи. На состанокот треба да се разгледаат можностите за дополнителна поддршка на Шпанија во воспоставувањето контрола на границата, како и евентуално засилување на ангажманот на европската гранична агенција Фронтекс и соработката со Мароко.
Во писмото се наведува дека засега не се забележани секундарни миграциски движења кон останатите земји од Европа, но потписниците нагласуваат дека се подготвени, во согласност со законодавството на ЕУ, да преземат дополнителни мерки за заштита на јавниот ред, вклучително и повторно воведување привремени контроли на внатрешните граници доколку тоа биде потребно.
Иницијативата ја покренаа Италија и Данска, а меѓу 22-те потписници е и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Текстот 22 земји од ЕУ бараат итен заеднички одговор по случувањата на границата во Сеута е превземен од МАКФАКС.





