Oбединетите Нации на важен состанок за состојбата во Украина

пред 2 години

Советот за безбедност на Обединетите Нации ќе расправа за тензиите меѓу Русија и Украина на барање на Вашингтон, кој ја обвинува Москва дека подготвува инвазија на Украина.

Соединетите држави го ставија ова прашање на дневен ред минатата недела по неформалните разговори со другите членки на Советот за безбедност и Украина, предупредувајќи дека „руските закани ја загрозуваат меѓународната безбедност и мир“.

„Сега не е време да седиме и да чекаме. Советот треба да го разгледа прашањето со целосно внимание и очекуваме директна и корисна дискусија во понеделник“, рече американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.

Расправата ќе биде отворена за јавноста.

Украина во неделата ја повика Русија да ги повлече своите сили натрупани долж границата на двете земји и да го продолжи дијалогот со Западот доколку таа „сериозно“ сака да ги намали тензиите.

Русија распореди повеќе од 100.000 војници и тешко оружје во близина на украинската граница, објавија западните земји.

САД и нивните западни сојузници постојано предупредуваа за можна руска инвазија на Украина и бараа повлекување на руските трупи.

Москва негира дека сака да ја нападне Украина, твдејќи дека не сака војна, туку гаранција од САД и НАТО за нејзината безбедност, особено дека Украина нема да биде членка на Алијансата и Вашингтон нема да отвори нови воени бази во поранешните советски републики.

Истовремено САД подготвуваат нови санкции против руските лидери, а санкции најави и Обединетото Кралство.

Лондон посочи дека сака да ги насочи санкциите против руските интереси кои „директно влијаат на Кремљ“.

Демократските републикански пратеници во Вашингтон, исто така, потврдија дека Конгресот е блиску до постигнување договор за нов закон кој ќе воведе економски санкции кон Русија.

Меѓу санкциите што ги разгледуваат и Лондон и Вашингтон е стратешкиот гасовод „Северен тек 2“ меѓу Русија и Германија, кој е завршен, но се’ уште не е во функција.

Една од мерките што се разгледуваат е исклучувањето на Русија од финансиски трансакции кои вклучуваат американски долари.

Share
Scroll to Top