Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро го критикуваше НАТО дека не воведува зона на забранети летови над Украина. Зеленски го обвини НАТО дека „дава зелено светло за натамошно бомбардирање на украинските градови и села“.
Американскиот амбасадор во ОН тврди дека руските сили се на околу 30 километри од втората по големина нуклеарна централа Јужнокраинск.
Русија за само неколку часа ги затвори Твитер, Фејсбук и Јутјуб на своја територија, а се’ повеќе големи светски компании ги затвораат своите бизниси во Русија и ги прекинуваат сите деловни односи со таа земја.
Клучни настани:
Руската војска се приближува до втората по големина нуклеарна централа во Украина, изјави американскиот амбасадор
Зеленски остро го осуди НАТО затоа што не воведе зона на забранети летови над Украина
Шефот на американската дипломатија вели дека ваквата одлука може да доведе до целосна војна во Европа. НАТО не ја разгледува таа опција.
Зеленски: „Ако Украина падне, Европа ќе падне“, рече тој.
Путин вели дека е подготвен за разговори за ставање крај на инвазијата, но само доколку се исполнат сите негови барања
ОН: 1,2 милиони луѓе ја напуштија Украина, половина милион се деца
Најнови вести:
08:59 Русија најави прекин на огнот во Мариупол за цивилите да го напуштат градот
Руските медиуми јавуваат дека руската армија утрово во 10 часот по московско време ќе престане да пука за да овозможи евакуација на граѓаните од Мариупол и Волноваха.
„Војниците ќе престанат да пукаат во 10 часот по московско време за да овозможат хуманитарни коридори од Мариупол и Волноваха. Ќе биде воспоставен „режим на молчење“ за цивилите да можат да ги напуштат двата града“, се вели во соопштението на руското министерство.
08:40 (Видео) Напад со хеликоптери во Мариупол
Би-Би-Си пренесе видео за кое тврди дека е автентично и го прикажува нападот на руски хеликоптери врз Мариупол, украинскиот пристанишен град кој е под опсада во четвртокот.
Градските власти претходно предупредија на хуманитарна криза, поради прекин на снабдувањето со електрична енергија и вода во градот.
Russian troops in Bucha, #Kyiv today pic.twitter.com/xUMAi51qoi
— marqs (@MarQs__) March 4, 2022
08:30 Сингапур наметнува санкции кон Русија
Сингапур воведува санкции кон Русија. Ќе им наметне контрола на извозот и ќе таргетира одредени руски банки. Ќе воведе ограничувања за трансакциите со криптовалути и ќе им забрани на финансиските институции да обезбедуваат услуги кои би можеле да и помогнат на централната банка на Русија.
08:20 Блинкен: Украина може да ја победи Русија
Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави за Би-Би-Си дека е убеден дека Украина може да победи во војната против Русија.
Тој не можеше да процени колку долго би можел да трае конфликтот, но инсистираше на тоа дека поразот на Русија е можен.
„Оваа издржливост на украинскиот народ е неверојатна. Доколку Москва се обиде да ја собори украинската влада и да воспостави марионетски режим, 45 милиони Украинци ќе одбијат на еден или друг начин. Текот на нападот досега не се одвиваше како што планираше Путин. “, рече Блинкен.
08:10 Мариупол трет ден под опсада
Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, повика на хуманитарен коридор поради тековната блокада на градот и, како што ги нарече, „немилосрдните напади“ од руските војници.
Пристанишниот град Украина е под опсада од четвртокот, а Бојченко веќе предупреди на хуманитарна катастрофа.
Во градот живеат околу 450.000 луѓе, а снабдувањето со струја и вода е прекинато поради силно гранатирање.
Едно од најголемите пристаништа во Украина, Мариупол е стратешки важно бидејќи неговото контролирање ќе создаде копнен коридор меѓу Крим и регионите Луганск и Доњецк.
08:00 Трае бомбардирањето на Чернихив
Руските сили го бомбардираат Чернихив, во кој во последните денови загинаа 47 лица.