Бангкок постепено се опоравува од поплавите кои во текот на викендот го парализираа градот, откако ослабеа обилните врнежи.
Водата во неделата почна да се повлекува од делови на Бангкок, откако престана поројниот дожд кој ден претходно предизвика големи поплави. Властите претходно ја прогласија тајландската престолнина за подрачје погодено од катастрофа.
Градската управа на Бангкок доцна во саботата соопшти дека дождот ослабнал и дека има само повремена облачност, што овозможило забрзано испумпување на водата од каналите и намалување на нивото на поплавите.
Се очекува водата постепено да се повлекува доколку нема нови обилни врнежи.
Во период од 48 часа, заклучно со саботата, во Бангкок паднале речиси 300 милиметри дожд. Поплавени биле главни сообраќајници, а дел од автомобилите биле делумно под вода.
Градската управа подготвила 233 привремени засолништа, во кои биле сместени околу 4.200 луѓе.
Обилните дождови и поплавите во голема мера го парализираа Бангкок во саботата. Сите 50 окрузи на поширокото подрачје на главниот град биле прогласени за подрачја погодени од катастрофата, објавија тајландските медиуми.
Вработените во јавниот сектор во понеделник и вторник ќе работат од дома, додека училиштата ќе останат затворени, објави „Тај Пи-Би-Ес“.
Текстот Бангкок се опоравува од поплавите, водата се повлекува по намалувањето на дождовите е превземен од МАКФАКС.





