Извршниот директор и основач на Blue Origin, Џеф Безос, објави дека планира да ја изгради првата приватна вселенска станица во орбитата помеѓу 2025 и 2030 година.
Под називот „Orbital Reef“, Безос ја развива станицата со неколку партнери, вклучувајќи го и Боинг, соопшти компанијата.
„Orbital Reef“ ќе служи како еден вид „мешовит бизнис парк“, а ќе биде наменет за различни клиенти, заинтересирани за истражување, индустриски и меѓународни клиенти, но и за туристи.
„Blue Origin“ неодамна се најде на насловните страници по лансирањето во вселената на 90-годишната икона од „Ѕвездени патеки“, Вилијам Шатнер, кој го промовираше вселенскиот туризам за време на неговиот краток престој таму.
До денес, најголемата вселенска станица каде што астронаутите поминале најдолго време е Меѓународната вселенска станица, управувана од американската вселенска агенција НАСА заедно со бројни партнерски агенции од целиот свет.
И Кина во моментов работи на изградба на сопствена вселенска станица, а неколку други приватни компании веќе ги истакнаа плановите за комерцијални вселенски станици.