Американскиот претседател Доналд Трамп е отворен за поканата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да одржи трипартитни мировни преговори во Турција со руските и украинските лидери, објави денес Белата куќа.
„Претседателот рече дека е отворен за тоа, но ако дојде до тоа, тој сака двајцата лидери и двете страни да седнат заедно на преговарачка маса“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, објави Гардијан.
Ердоган претходно денес изјави дека Турција ќе преземе чекори за организирање средба меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, во Анкара или Истанбул, додавајќи дека ќе го покани и американскиот претседател на средбата.
По денешната рунда преговори во Истанбул, шефот на украинската делегација, министерот за одбрана Рустем Умеров, изјави дека Киев верува дека сите клучни проблеми во преговорите за потенцијално примирје со Русија можат да се решат на ниво на лидерите на земјите и дека предлага таква средба да се одржи до крајот на овој месец.
Текстот Белата куќа: Трамп отворен за средба со Путин и Зеленски во Турција е превземен од МАКФАКС.