Ситуацијата на границата со Украина е многу опасна и ЕУ ја повикува Русија да ги повлече своите трупи од границата, изјави шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, за време на видео-конференција пред состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ.
„Ќе разговараме за ситуацијата на украинската граница, каде руските трупи се распоредени на воени вежби. Ова е многу опасна ситуација. Ја повикуваме Русија да ги повлече своите сили од границата со Русија“, рече Борел.
Министерот истакна дека тензиите во односите меѓу ЕУ и Русија растат во многу насоки.
Тој наведе дека на министерскиот состанок ќе се разговара и за протерувањето на чешките дипломати од Русија и случајот со Алексеј Навални.
Да потсетиме, тензиите започнаа на истокот на Украина кон крајот на февруари кога кршењето на примирјето стана зачестено, а бунтовниците изјавија дека вооружените сили на Украина користат артилерија при гранатирање. Едно дете загина во напад на украински дрон врз селото Александровско на 3 април. Самопрогласените републики сметаат дека Киев подготвува голема офанзива, анализираат медиумите во тој регион.
Во Москва, тие ја нарекоа моменталната состојба опасна, бидејќи граѓанска војна може повторно да се разгори во источна Украина. Како што истакна портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, во овие услови Русија презема мерки за да ја осигури својата безбедност. Тој додаде дека движењето на војниците на територијата на земјата не треба да вознемирува никого, бидејќи Москва не претставува закана за никого, потсетуваат медиумите.