Бугарски МиГ-29 се урна во Црното море за време на воена вежба.
Авионот ја изгубил радио комуникацијата и исчезнал од радарите во 00:45 часот, соопшти бугарското Министерство за одбрана.
Акцијата за пребарување и спасување е во тек. Вклучува сили и средства од морнарицата, Здружената команда за специјални операции, граничната полиција и воздухопловните сили. Министерот за одбрана Георги Панајотов отпатува во областа на инцидентот, како и привремениот премиер Стефан Јанев. Тактичката вежба со борбено стрелање е прекината.
„Авионот исчезна од радарите, преземена е операција за спасување на пилотот, која продолжува и денес“, изјави министерот за одбрана Георги Панајотов.
Пилотот не пријавил ниту еден проблем со леталото, пред да исчезне од радарот. Причините за инцидентот во моментов не се познати.